Директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски, со експертски тим од Генералштабот од областа на НАТО стандардизацијата и одранбеното планирање, во период од 12 и 13 октомври во НАТО корпусот за брзо распоредување во Солун, учествуваше на експертски разговори со директоратот 2 на Генералштабот на Вооружените сили на Грција.
Генералот Трајковски, во рамки на активноста со Вооружените сили на Република Грција, оствари средба со командантот на НАТО корпусот, генерал-потполковник Парис Каправелос и со началникот на штабот, генерал-мајор Ѓоргос Калампокас, при што беше разговарано за придонесот на Армијата во оваа команда, досегашната соработка и можностите за унапредување на истата.
За време на експертските разговори, кои континуирано се спроведуваат како дел од планираните билатерални армиски активности со директоратот 2 на Генералштабот на Вооружените сили на Грција, се разменуваат искуства од областа на НАТО стандардизацијата, НАТО одбранбеното планирање, опремувањето и модернизацијата и поддршка на земја домаќин.
Досегашната билатерална воена соработка помеѓу двете армии е оценета како одлична основа за идно унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка во сите области.