Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес оствари средба со помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, која ќе учествува на конференцијата за комуникатори на НАТО, која се одржува во Република Северна Македонија.
За време на средбата е разговарано за активностите во сферата на стратегиските комуникации на НАТО, како и функционалните области на Стратком кои се дефинирани и кои се развиваат во рамки на надлежностите на Армијата.
Притоа беа разменети согледувањата за комуникациските активности и планови на Алијансата, за информациските активности и соработката со партнерите во оваа област.
Армијата на Република Северна Македонија во тековната трансформација на својата структура работи на развивање и унапредување на способностите од областа на стратегиските комуникации со цел исполнување на побарувањата согласно стандардите на НАТО.
НАТО Конференцијата за комуникатори е најголемата годишна конференција за комуникатори во НАТО. Годинава, домаќин на Конференцијата е Северна Македонија, а на истата ќе учествуваат околу 300 лица.
На затварањето на Конференцијата, свое обраќање ќе има и Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.