Согласно Планот за билатерална соработка за 2024 година, помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за национална одбрана на Република Грција, во период од 3 до 5 декември 2024 година, во ГШ на Армијата беше реализиран Работен состанок со делегација од Република Грција за соработка во областа на геопросторната поддршка.
Делегацијата од Република Грција беше предводена од бригаден генерал Харалампос Парашоу, командант на Воено географската служба на Вооружените сили на Република Грција.
Домаќин на активноста беше Ј-2/ГШ на Армијата, а делегацијата од Р. Грција беше примена и од страна на директорот на ГШ на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски, кој им се заблагодари на претставниците од Република Грција за поддршката и заемната соработка на билатерално ниво, во различни области.
За време на состанокот, согледана е досегашната соработка помеѓу двете земји во конкретната област и дефинирани се области за идна соработка.
За време на активноста, беше реализирана и посета на Агенцијата за катастар за недвижности на Република Северна Македонија (АКН), како национална Агенција надлежна за картографија, при што делегацијата од Република Грција беше запознаена со капацитетите и способностите на АКН.
Согласно заклучоците од реализираниот состанок, соработката со Република Грција во областа на геопросторната поддршка, ќе продолжи и во наредниот период.