Врз основа на одлуката на Владата на Република Северна Македонија, Армијата одреди состав од 100 армиски припадници кои на 10.08.2023 година заминаа во Република Словенија каде веднаш по денот на пристигнувањето се ангажираа во еден од реоните на најповеќе погодените подрачјата од катастрофалните поплави, кои на почетокот на месецот се случија во Словенија.
Во Република Словенија замина персонал од единици од составот на командата за операции и тоа од 2 пешадиски баталјон, извидувачко разузнувачкиот баталјон и неколку припадници од инженерискиот баталјон обучени за управување со инженериски машини, како и припадници од логистичката база.
Припадниците на Армијата се распоредени во групи согласно плановите на земјата домаќин во Межице во чија околина извршуваат професионално активности во отстранување на наноси од поплавите.
На овој начин Армијата уште еднаш ја покажува подготвеноста за делување во услови на природна катастрофа и надвор од Републиката, кое досега го покажавме во слични вакви ситуации, како што беа и катастрофалната поплава во Стајковци 2016 година, но и на меѓународен план кога помагавме во справување со поплавите во Србија.
Нашите припадници ќе се ангажираат пожртвувано на теренот и со својата одличност и обученост ќе ги извршат сите задачи, впрочем како што не толку одамна беше и за време на ангажирањето во справување со катастрофалните земјотреси во Турција.