Денес, 24–ти јули, извршена е проверка на Стандардно оперативните процедури (СОП) на АРМ за поддршка на НАТО силите на Косово (КФОР) во случај на итна медицинска евакуација (МЕДЕВАК). Проверката се реализираше во согласност со пропишаните процедури кои важат за оваа активност, а истата беше изведена во касарната „Илинден“, Скопје и во дел од единиците на АРМ.
На активноста учествуваа единици од АРМ, претставници од КФОР и персонал од клиничката болница „Систина“, а како набљудувачи на активноста присутни беа претставници на НАТО советодавниот тим, претставник од командата на КФОР, воздухопловното воено аташе на САД, Директорот на службата за здравство од амбасадата на САД во Република Македонија и Директорот на Клиничката болница „Систина“.
Активноста се реализираше по потпишување на парламентарниот договор помеѓу Владата на Република Македонија и НАТО силите на Косово (КФОР) и по изработката на СОП од страна на АРМ.
Со изработените СОП се регулираат обврските и должностите на командите и единиците на АРМ во случај на итна медицинска евакуација на персонал на КФОР. Овие процедури беа практично проверени, а активноста овозможи нивно прецизирање и ажурирање.