Денес, 17-ти февруари 2014 година во Домот на АРМ во Скопје, се одржа брифинг за борбената готовност на АРМ за 2013 година. На брифингот за борбената готовност на АРМ, присуствуваа: Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Заменикот на министерот за одбрана Емил Димитриев, Претседателот на комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија Влатко Ѓорчев, командантите на потчинетите команди и единици и клучниот персонал од МО и ГШ на АРМ.
На брифингот, Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили од страна на Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2013 година, согласно функционалните области на АРМ, а кои се однесуваат на: персоналниот менаџмент, моралот, заштита на силите, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, планирањето, врските и комуникациите, буџетирањето и цивилно-воената соработка.
Врз основа на извршената сеопфатна годишна анализа на Генералштабот, беше донесен заклучок дека АРМ во изминатата година и покрај објективните потешкотии и ограничувања, успешно ги извршуваше мисијата и поставените задачи, при што борбената готовност беше на потребното рамниште. Од страна на НГШ на АРМ посебно беше истакнато успешното извршување на клучните задачи и проекти на Армијата кои ја одбележаа измината година, како што се: имплементација на новата структура на АРМ, целосно опремување на Армијата со новата борбена униформа, успешно извршување на меѓународните мисии надвор од Република Македонија, асистенција на институциите при елементарни непогоди и спасување, донесување на голем број на правила и упатства со доктринарен карактер и за регулирање на несметано извршување на сложени задачи и зајакната регионална и меѓународна меѓуармиска соработка.
Министерот за одбрана Талат Џафери истакна дека во 2014 година, АРМ ќе добие максимална поддршка за подигнување на борбената готовност.
Како главни приоритети, но и мерки кои во 2014 година ќе придонесат за понатамошно јакнење и подигнување на степенот на борбената готовност и моралот на припадниците на АРМ беа издвоени: редовна пополна на АРМ со персонал, продолжување со имплементацијата на новата структура на АРМ, прилагодување на обуката според актуелните безбедносни предизвици и барањата на НАТО, започнување на процесот на планирање за активно учество во пост-ИСАФ мисијата, реализација на планот за модернизација и поефективно финансирање на АРМ, продажба на неперспективната и стара опрема на АРМ, доделување на финансиски средства во буџетот на МО од продажба на имотот со кој располага МО, реализација на проектот ,,АРМ мој дом“, започнување со имплементација на Концептот за резервни сили и понатамошно подигнување на степенот на обученоста на припадниците на АРМ.
НГШ на АРМ побара да се отпочне со процесот на модернизација на АРМ, согласно Долгорочниот план за модернизација во одбраната, кој е усвоен во декември 2013 година од страна на Владата на Република Македонија. Тој исто така, побара и поголема одговорност и реално согледување во однос на одбраната и состојбата на АРМ од сите субјекти и институции во Република Македонија кои имаат надлежност согласно Уставот и законите.