Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес оствари средба со командантот на бригадата на Југоисточна Европа (South-Eastern Europe Brigade- СЕЕБРИГ), бригаден генерал Тудорика Петраке, кој ја предводи делегацијата од оваа бригада која се наоѓа во официјална посета на Република Северна Македонија.
На состанокот помеѓу генералите Ѓурчиновски и Петраке се разговараше за активностите на оваа бригада, подготвеноста на нашите декларирани единици кои се во состав на бригадата, како и за релокација на командата на бригадата која од следната година е предвидено да биде во нашата држава.
За време на престојот во министерството за одбрана, генералот Петраке оствари средба и со Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Делегацијата од штабот на СЕЕБРИГ, покрај експертските разговори во министерството за одбрана и генералштабот на кои присуствуваше и државниот секретар во министерството за одбрана, Драган Николиќ, во текот на денешниот ден ќе изврши евалуациска посета на декларираниот инженериски вод, од составот на инженерискиот баталјон во касарната „Илинден“ во Скопје.
Делегацијата ќе оствари посета и на Здружената оперативна команда (ЗОК), каде покрај состанок со Командантот на ЗОК и Командантот на првата механизирана пешадиска бригада, ќе изврши евалуациска обиколка на декларираната механизирана пешадиска чета, од составот на вториот механизиран пешадиски баталјон. Покрај евалуациските посети, делегацијата во Командата за обука и доктрини ќе ги согледа капацитетите на Центарот за симулација за можностите за изведување на вежбата во организација на СЕЕБРИГ- „Седум Ѕвезди“ во 2020 година.
Во текот на јуни оваа година, во Скопје беше одржан годишниот состанок на замениците на началници на генералштабови на армиите на земјите членки на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ), кога беше потпишан и шестиот дополнителен протокол, кој се однесува на функционирање на бригадата.
СЕЕБРИГ е формирана во 1999 година, како резултат на договорот за регионална соработка на полето на одбраната, познат како договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа. Според договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на четиригодишна ротациона основа. Позицијата Командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички на двегодишен период.
Единиците кои се декларирани во состав на бригадата, остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од политичко-воениот управен комитет.
Армијата на Република Северна Македонија покрај долгогодишното учество и придонес во бригадата СЕЕБРИГ, ќе биде домаќин на седиштето на командата во период од 2020 до 2026 година, за што континуирано се превземаат сите мерки за овозможување на услови за нејзина целосна функционалност. Со тоа, покрај досегашното наше учество со механизирана пешадиска чета, инженериски вод и штабен елемент дополнително ќе дадеме придонес и со борбено сервисна поддршка, со што ќе ги зацврстиме нашите позиции во безбедносен контекст.