Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заедно со министерот за одбрана, Владо Мисајловски за време на работната посета на Соединетите Американски Држави, во Пентагон остварија средба со Аманда Дори, потсекретар за одбранбена политика.
Потсекретарот за одбранбена политика, Аманда Дори ги истакна цврстите билатерални односи меѓу двете земји, искажувајќи ја подготвеноста за продлабочување на меѓусебната соработка. За време на средбата од страна на потсекретарот Дори беше изразено задоволство за нашата посветеност за модернизација на македонската Армија и за подготвеноста за справување со заедничките одбранбени предизвици, како членка во НАТО Алијансата.
На средбата министерот Мисајловски се заблагодари за поддршката од САД во процесот на модернизација и опремување и порача дека остануваме целосно посветени на заедничката соработка, согласно Патоказот за соработка во одбраната кој е израз на нашите заеднички одбранбени цели.
По средбата во Пентагон, началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски заедно со министерот Мисајловски го посетија Меморијалниот центар „Арлингтон“ во Вашингтон, каде оддадоа почит на загинатите американски војници и положија венец на Гробот на незнајниот војник.
Во рамки на посетата, началникот на Генералштабот, генералот Сашко Лафчиски и државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова остварија средба со Треша Гуенов, главен заменик на помошникот секретар за одбрана за меѓународна безбедност, на која се дискутираше за модалитетите за зајакнување на одбранбената соработка.