Како дел од активностите за одбележување на 70-годишнината од основањето на НАТО Алијансата и нашиот напредок кон членство во НАТО, од страна на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата во текот на изминатите денови се организираа и реализираа поголем број на активности во рамки на Неделата на НАТО.
Централниот настан беше заедничкиот концерт кој се реализира на 4-ти април, во Националната филхармонија во Скопје, каде покрај нашиот оркестар и воените оркестри на САД, Обединетото Кралство, Грција и Република Словенија имаа фантастична изведба на избор од музички композиции.
Следуваше НАТО атлетска трка на ден 06.04.2019 година која се одржа на кејот покрај реката Вардар каде во соработка со Атлетската Федерација, Агенцијата за млади и спорт, Светската атлантска асоцијација-АТА, поддржано од НАТО секторот за јавна дипломатија, градот Скопје и други фирми и организации околу тристотини учесници учествуваа на трка во должина од 5км за мажи и 3км за жени.
Во неделата во Градскиот парк во Скопје се одржа отворен ден на Армијата за граѓаните на кој припадници на Полкот за специјални операции, пред граѓаните прикажаа дел од своите боречки вештини, гардистите се претставија со точката Егзерцир, воениот оркестар изведе неколку композиции, а хеликоптер на Армијата изврши прелет над градскиот парк.
Во текот на денешниот ден во Домот на АРМ во соработка на Црвениот Крст и Институтот за трансфузиона медицина се спроведе акција на доброволно дарување на крв на припадници на единиците на Армијата, при што се врачија и благодарници и признанија на припадниците кои се доброволни дарители на крв повеќе од 50 пати.
Покрај овие активности се организираа и отворени денови за граѓаните на ден 5-ти април во Прилеп и отворен ден во Куманово кој ќе се одржи на 9-ти април на кои покрај точките присутните ќе имаат можност да проследат повеќе музички нумери во изведба на воениот оркестар, да ја проследат познатата точка на припадниците на баталјонот за почести „Егзирцир“ и да се запознаат со дел од изложеното армиско вооружување и опрема.