Припадници на АРМ од полкот за специјални операции, во голем одѕив се приклучија на вонредната акција за доброволно дарување на крв во касарната „Илинден“, која е организирана поради итни потреби на Институтот за трансфузиона медицина за обезбедување на неопходни резерви на крвни компоненти.
Денешната крводарителна акција на која имаше поголем одѕив се собраа 53 крвни единици колку што беа потребни, што како и многупати досега ја потврди хуманоста на припадниците на Армијата на Република Македонија кои секогаш се подготвени да пружат помош онаму каде за тоа има потреба.
АРМ во соработка со Црвениот Крст на Република Македонија и Институтот за трансфузиона медицина традиционално организира и спроведува крводарителни акции во сите команди и единици како редовни акции, но и по итна укажана потреба. Секоја година просечно се организираат помеѓу 20 и 30 вакви акции на кои учествуваат повеќе од 1200 припадници на АРМ кои се постојани крводарители.
Од почетокот на оваа година, АРМ веќе има спроведено 15 редовни крводарителни акции на кои се собрани 700 крвни единици. За припадниците на АРМ покрај извршувањето на уставните обврски на штитење на државниот суверенитет, не помал приоритет е давање помош на граѓаните и на институциите на Република Македонија секогаш кога за тоа ќе се укаже потреба.