Вчера (22.08.2013 година), Армијата на Република Македонија се вклучи во помош на локалното население при гаснење на пожарот во атарот на битолските села Лисолај и Древеник. Два хеликоптери МИ 8/17 од воздухопловната бригада на АРМ, во текот на вчерашниот ден интервенираа околу седум часа во исклучително тешки временски услови. Пилотите на АРМ за ова време вчера исфрлија 44 ведра или 44 тони вода во атарот на село Лисолај.
Со ангажирањето на хеликоптерите на АРМ уште во раните утрински часови во текот на денешниот ден, интервенцијата за гаснење на пожарот во битолско е сеуште во тек, при што до сега се исфрлени 174 тони вода, со што е спречено пламените јазици кои беснеат помеѓу Лисолај и Древеник да направат пустош и во самите населени места. Ангажирањето на хеликоптерите на АРМ во битолско ќе продолжи се додека пожарот не се локализира.
Инаку, во изминатите денови, хеликоптерите на АРМ успешно интервенираа и во гаснење на пожарот во реонот на Студеничани покрај Скопје. На овој начин, Армијата на Република Македонија уште еднаш покажа дека е подготвена да помогне на граѓаните во Република Македонија, тогаш кога им е најпотребно.