Една од вредностите по кои се водат припадниците на полкот за Специјални Операции при извршувањето на своите задачи е истрајноста. Пример за упорност и желба да се достигне сонот е секако и потпоручникот Роберт Иванов.
Патот за остварување на сонот да се биде припадник на полкот за Специјални Операции го започнал уште далечната 2001 година кога се запишува на Воената Академија. За жал, поради структурните реформи во Министерството за Одбрана поголемиот дел од неговата генерација не беше распореден во Армијата на Република Македонија, заради што како можност за вработување после завршувањето на Воената Академија, беше работа во Казнено-поправниот дом „Идризово“ како командир на смена за обезбедување.
Иванов и покрај постојаната работа во Казнено – поправниот дом „Идризово“ се одлучува да ја продолжи борбата за остарување на неговиот сон, така што во 2006 година се пријавува на отворениот конкурс за прием на припадници во полкот за Специјални Операции.
На исклучително напорниот и крајно сложен, селективен курс, Роберт го дава својот максимум и го завршува комплетниот курс во траење од 24 дена, како еден од најдобрите кандидати, но поради трансформацијата на единицата која се одвиваше во тој период, Роберт не беше примен. Во 2009 година, тој повторно се пријавува на селективен курс и овај пат го успешно завршува, по што стапува во редовите на полкот за Специјални Операции како професионален војник.
Повеќегодишните напори на Генералштабот на АРМ и полкот за специјални операции, за активирање на Роберт Иванов како потпоручник, конечно вродија плод. Тој на 20-ти декември 2013 година, со наредба на Началникот на ГШ на АРМ е промовиран во чин потпоручник.
За потпоручникот Роберт Иванов долгогодишната борба за остварување на сонот е само потврда дека сега е посилен и поодлучен, што во иднина ќе му помогне во остварување на животните планови и секако во градењето на кариера на офицер на АРМ. Периодот од неговата кариера како професионален војник само ќе му помогне да подобро ги сфати барањата и потребите на професионалните војници од неговиот тим со кој сега тој ќе командува.
Не криејќи ја радоста, Иванов не крие дека без поддршката на неговите најблиски, но и колегите, оваа борба ќе беше многу потешка или невозможно да се заврши со посакуваниот исход.
На потпоручникот Роберт Иванов му посакуваме успех и достојно презентирање на најелитната единица на АРМ во улога на офицер!