Kомандантот на мисијата на НАТО, КФОР во Косово, генерал-мајор Анџеле Микеле Ристучjа, кој се наоѓа во редовна годишна работна посета на Генералштабот на Армијата, денес оствари средба со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
На средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Ристучjа, е истакната одличната континуирана координација и соработка помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и силите на КФОР во рамки на надлежностите.
Притоа како особено значајно е оценето директното учество на составите на Армијата кои извршуваат задачи и учествуваат во активностите во рамки на мисијата во регионалните команди.
На средбата, помеѓу другото е разговарано за безбедносната состојба во регионот, како и за понатамошните заеднички активности насочени кон унапредување на соработката, со цел јакнење на регионалната стабилност и безбедност.
Генералот Ристучjа за време на официјалниот состанок се запозна и со процесот на трансформација и модернизација на Армијата, нашето учество во операциите и мисиите во странство и активностите во поддршка на државните институции во справување со кризи, како и можностите за обука и вежби кои ги нуди АП „Криволак“.
За време на првата официјална посета, по поставувањето на оваа должност, во месец октомври, генералот Ристучја во текот на денот во придружба на генералот Ѓурчиновски ќе оствари посета и на останати државни институции, со кои КФОР соработува во областа на безбедноста.
Армијата на Република Северна Македонија, која пред две години отпочна со директно учество во КФОР, својот придонес го дава со штабни офицери во главната команда на мисијата и два вода за обезбедување во регионалната команда на КФОР-„Запад“.
Покрај директното учество, континуирано од почетокот на операцијата, преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин обезбедуваме и логистичка поддршка на силите на КФОР при царински и гранични процедури на транспортите на НАТО.