Делегација од командата на мисијата КФОР предводена од командантот на мисијата, генерал-мајор Микеле Риси, оствари работна посета на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на која беа опфатени теми од взаемен интерес.
По пречекот од страна на началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, за време на работниот состанок во генералштабот делегацијата од КФОР беше запознаена со тековниот процес на трансформација и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија, учеството во мировните операции и подготовките за упатување на припадници на Армијата во мисијата КФОР.
Генералите Ѓурчиновски и Риси разговараа за теми кои произлегуваат од меѓусебната соработка, како што се нашиот придонес во мисијата, безбедносната ситуација во зоната на одговорност на мисијата, понатамошните заеднички активности и размена на информации.
За време денешната посета во министерството за одбрана, генералот Риси оствари средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Учеството на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на НАТО, КФОР на посреден начин започнува уште во 2007 година кога отпочна со работа координативниот центар за поддршка на земјата домаќин чија основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.