Генералштабот, кој е највисок стручен и команден орган во Армијата, одговорен за планирање, организирање и контрола на обуката, континуирано изведува активности кои се од значење за одржување на потребното ниво на борбена готовност во кои спаѓа и извидување на територијата на Република Северна Македонија.
Согласно планирани активности за обука на припадниците на генералштабот, началникот на ГШ на Армијата со дел од клучниот персонал на генералштабот изминатите два дена реализираше командантско извидување на просторот од источниот дел на територијата на Република Северна Македонија.
Целта на оваа активност е извидување на просторот и согледување на неговите воено-географски карактеристики, преку проучување на земјиштето, организација на одбраната и начинот на содејство и координација со останатите субјекти на одбранбениот систем.
Во рамки на командантското извидување, на караулата „Богородица“ беше согледана актуелната безбедносна ситуација на јужната граница, задачите кои ги извршуваат ангажираните сили во реонот на одговорност на Армијата во изминатиот период, како и начинот на ангажирање на силите во наредниот период, по што се изврши обиколка на дел од сместувачките капацитети на припадниците на Армијата во Богданци, ангажирани како поддршка на МВР, за справување со мигрантската криза на јужната граница.
Воедно реализиран е и кондиционен марш во реонот на Бела вода, беровско, а се обиколија и дел од стратегиските воени објекти на Армијата кои гравитираат на овој правец.
За време оваа активност, директорот на воениот музеј проф. др. Александар Стојчев, пред учесниците имаше излагање од воено историското наследство на тема „Дојранските позиции на македонскиот фронт“ во период од 1915-1918 година.