Извидувачко разузнавачкиот баталјон од составот на Командата за операции, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје реализира методско показна вежба (МПВ) на тема „Откривање, лоцирање, идентификација и уништување на диверзантско терористичка група (ДТГ)“.
Командантот на Извидувачко разузнавачкиот баталјон (ИРб), потполковник Зоран Цветковски, во своето обраќање пред присутните се заблагодари за довербата која им е укажана за да ја реализираат оваа МПВ и истакна дека им претставува особена чест и гордост да ги претстават нивните капацитети и способности.
Вежбата како што истакна има за цел преку реални теренски активности да демонстрира стандардни оперативни процедури при подготовка и извршување на разузнавачка задача, притоа подигнувајќи го нивото на интероперабилност меѓу разузнавачките тимови и командната структура и усвојувајќи техники за прибирање, обработка и пренос на разузнавачките информации.
Командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, потенцира дека целта на оваа МПВ не е само да се презентираат разузнавачките капацитети на ИРб, туку и да се обедини целата разузнавачка заедница во Армијата, со цел да се согледа исклучителната важност на разузнавачката подготовка на бојното поле како клучна алатка при воспоставувањето на борбените системи, но и како еден од најважните фактори за успешна организација на операциите.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Сашко Лафчиски, искажа задоволство од реализацијата на вежбата и се заблагодари за залагањето на персоналот од ИРб, при тоа потенцирајќи го високото ниво на професионализам, подготвеност и обученоста на оваа единицата.
На МПВ освен Началникот на Генералштабот и командантот на КО, присуствуваа и Заменик Началникот на Генералштабот, генерал мајор Азим Нуредин, Директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Љулзим Нуредини, командантот на Прва пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници од директоратот за разузнавање и безбедност во одбраната, команданти на единици, како и началници на секции од Генералштабот и КО.