Почитуван господин Претседател и Врховен командант на Вооружените сили на Република Северна Македонија,
Почитуван Претседател на Владата,
Почитуван Потпретседател на Собранието,
Почитувана Министерка за одбрана,
Почитувани министри, генерали, амбасадори, драги гости, почитувани граѓани,
Ви изразувам благодарност за вашето присуство на денешната свеченост, по повод денот на армијата воедно и, 30 годишен јубилеј од самото создавање на нашата Армија.
Почитувани присутни,
Чест е да се биде дел од овој значаен настан кога одбележуваме 30 години од формирањето на Армијата, која е нераскинливо ткиво од нашето општество.
Формирањето на Армијата започна пред три децении со преземање на државната граница, со скромни материјални ресурси, вооружување и опрема. Тоа беа тешки почетоци кои ги надминавме со пожртвуваноста на армиските припадници и првите регрути, преку кој се воспостави еден од носечките столбови на државната самостојност и независност.
Многу генерации на вработени во Министерството за одбрана и Армијата, војници, старешини и цивилни лица, но и општествени работници активно се вложија во три деценискиот развој на Армијата, Армијата почитувана од граѓаните и членка на НАТО.
Некои од нив денес се со нас во стројот, некои меѓу гостите, но за жал некои не се повеќе меѓу нас.
На сите кои имаат оставено свој белег во развојот на Армијата, во оваа прилика со должна почит, им оддавам огромна благодарност и највисоко признание за службата и личниот придонес во изградбата на нашата Армија.
Драги пријатели,
Со нашите достигнувања и ефикасност, ги остваривме стремежите и заветите на нашите великани од Илинден и АСНОМ, чии сме горди носители на традициите.
Одбележувањето на овој значаен јубилеј во касарната која го носи светото име „Илинден“ го посветуваме на идеалите и пожртвуваноста на сите наши херои и великани за вековната борба за слобода и мир.
Наша обврска е да продолжиме по зацртаниот пат на нашите дејци: Јане Сандански, Питу Гули, Гоце Делчев, Вангел Дину, Страшо Пинџур, Чеде Филиповски – Даме, Лиман Каба, Кузман Јосифовски – Питу, Ибе Паликуќа, Михаило Апостолски, и многу други наши великани.
Од овој свечен јубилеј сакам да порачам дека армијата секогаш работела и ќе работи исклучиво за интересите на граѓаните и нашата татковина.
Ќе продолжиме непоколебливо и со целосна посветеност да ја исполнуваме својата уставна надлежност, со интензивно спроведување на обуки во земјата и странство и достојно да ја претставувате државата во мировните операции.
Наши приоритети ќе бидат исполнување на обврските како членка на НАТО и зададените цели на способности, но воедно секогаш подготвени да дадеме и поддршка на граѓаните и институциите.
Само на тој начин ќе го дадеме нашиот придонес за иднината на татковината, особено денес кога сме соочени со безбедносни закани и предизвици кои се случуваат на тлото на Европа.
Драги гости, војници и старешини,
На овој свечен настан сакам да се потсетиме на визионерскиот говор на нашиот прв претседател и врховен командант почитуваниот Киро Глигоров кој на денешен ден, пред триесет години и од ова место покрај другото истакна,
„Каква Македонија ќе изградиме таква ќе ја имаме, а вие припадниците на Армијата, имате историска улога во создавањето, во тоа време на Република Македонија“.
Исто така зборуваше за моделот на општеството, просперитетот и иднината на земјата, толеранцијата, дијалогот, заедништвото, солидарноста, постојаното унапредување и почитување на рамноправноста по сите основи: етничка, полова и религиска но и за уставно загарантираните права и обврски на сите во нашата самостојна и суверена држава.
Денес после 30 години со гордост можам да истакнам дека визијата на нашиот прв претседател и улогата во општеството на Армијата е во целост остварена.
Создадовме професионална, ефикасна мултиетничка армија, почитувана во земјата и во странство, во континуитет со највисока доверба во општеството.
Почитувани припадници на Армијата,
Од вас очекувам да продолжите посветено, одговорно, достоинствено и гордо да ја претставувате војничката професија, Армијата и нашата држава.
Ви упатувам порака, бидете горди на себе и продолжете да ги исполнувате вашите работни задачи најдобро што знаете и умеете!
Нека ни е честит и вековит 18 Август, денот кога е формиран баталјонот Мирче Ацев во народно ослободителната борба, ден на нашата Армија!
Ви благодарам!