Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој се наоѓа во официјална посета на Босна и Херцеговина, денес во Сараево оствари посета на вооружените сили на Босна и Херцеговина.
По церемонијата за прием со воени почести, генералот Ѓурчиновски оствари средба со неговиот домаќин, началникот на Здружениот штаб, генерал-полковник Сенад Машовиќ, по што следуваа официјални разговори на делегација на Армијата на Република Северна Македонија со военото раководство на здружениот штаб.
За време на средбата генералите Ѓурчиновски и Машовиќ разговарале за можностите за збогатување на билатералната одбранбена соработка, како и соработката во военото образование која се одвива во центрите за обука во операции за поддршка на мирот во Сараево и во Регионалниот центар за односи со јавност во Скопје. Генералот Машовиќ во оваа прилика изразил благодарност за поддршката и школувањето на кадетите од БиХ на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
За време на средбите е истакната традиционално добрата соработка во одбраната со очекувања за понатамошна поддршка и споделување на меѓусебните искуства помеѓу двете армии.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Вооружените Сили на Босна и Херцеговина се одвива во полето на воената едукација, учество во заеднички меѓународни вежбовни активности, курсеви во Регионалниот центар за односи со јавност, учество во Балканските медицински наменски сили и заедничко учество во регионалните безбедносни иницијативи А-5 и Б-9.
Во Рамки на тридневната посета, генералот Ѓурчиновски го посети и кампот Бутмир каде оствари средба со командантот на мисијата ЕУФОР-АЛТЕА, генерал-мајор Хелмут Хабермаер, по што го обиколи македонскиот контингент каде се сретна и со најодговорниот старешина на турскиот контингент во чиј состав нашите припадници извршуваат задачи.
Притоа е разговарано за нашиот придонес во мисијата кој го даваме со еден пешадиски вод и штабен старешина кое претставува потврда на цврстата определба и придонес кон Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.
По завршувањето на состанокот делегацијата предводена од генералот Ѓурчиновски положи цвеќе на спомен обележјето на македонските мировници кои трагично ги завршија своите животи во хеликоптерската несреќа во 2008 година.