Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во текот на денешниот ден оствари официјална посета на командата на НАТО корпусот за брзо распоредување со седиште во Солун, Република Грција.
За време на престојот во Солун генералот Ѓурчиновски во командата на НАТО корпусот, оствари средба со командантот, генерал- потполковник Атанасиос Гаринис, по што делегацијата имаше работен состанок со клучниот штабен персонал на НАТО корпусот.
На состанокот помеѓу генералите Ѓурчиновски и Гаринис се разговараше за повеќе теми кои се однесуваат на воената соработка, како и за можностите и облиците за понатамошни заеднички активности со НАТО корпусот.
Пристапувањето на Армијата во овој НАТО корпус за брзо распоредување се реализираше во 2023 година, по претходно потпишување на договор за пристапување, со што отпочнавме со учество со еден штабен офицер во дивизија за операции.
На досегашните одржани средби на генералот Ѓурчиновски со командантите на корпусот беа разгледувани можностите за користење на капацитетите на АП „Криволак“ и заедничка обука и вежбовни активности
Активна воена соработка Армијата остварува и со НАТО корпусот за брзо распоредување со седиште во Италија, а преку вклучувањето во активностите на овие сили го зголемуваме нашиот придонес во јакнење на колективната сигурност и ги подобруваме нашите способности, обученоста и интероперабилноста при ангажирање во НАТО предводените операции.