Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во неколкудневна официјална посета на Кралството Белгија, денес во Врховната Команда на НАТО (SHAPE) во Монс, оствари состанок со генерал Маркус Кнеип, началникот на штаб на оваа највисока команда на НАТО.
На состанокот помеѓу генералите Кнеип и Ѓурчиновски е разговарано за тековните и претстојни активности на Армијата на Република Северна Македонија кои се спроведуваат во процесот на потполно интегрирање на нашата армија во структурите на НАТО.
Помеѓу останатото, на работен состанок со дел од клучниот персонал на Врховната команда е дискутирано теми од интерес во насока на планирање на нашиот ангажман во заеднички активности кои ќе произлегуваат по ратификација на нашето членство во НАТО.
Во рамки на посетата, во текот на вчерашниот ден началникот на генералштабот во Брисел учествуваше на состанокот на највисокото воено тело на Европската Унија- Воениот комитет на ЕУ на ниво на началници на генералштабови, на која се разгледуваа теми поврзани со обуката и активностите во мировните операции предводени од ЕУ, како дел од мисијата на Воениот Комитет.
Генералот Ѓурчиновски претходно оствари средба и со Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал, Стјуарт Пич, на која се разговарало за теми поврзани со пристапувачкиот процес во НАТО.