Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во рамки на неколкудневната посета на Кралството Белгија, денес во Брисел учествуваше на состанок на Воениот Комитет на Европската Унија на ниво на началници на генералштабови.
На овој состанок на највисокото воено тело на Европската Унија, на кое генералот Ѓурчиновски учествува за првпат од неговото назначување за началник на генералштабот, армиските лидери покрај прашања од доменот на безбедносната состојба и меѓусебната интероперабилност помеѓу армиите и со НАТО, се разгледуваа и теми поврзани со обуката и заеднички вежбовни активности како дел од мисијата на Воениот Комитет.
Состанокот со началниците на генералштабови го претседаваше, генералот Клаудио Грацијано, кој минатиот месец беше во прва официјална посета на генералштабот на Армијата на претседавач на воен комитет.
Нашето учество во заедничката одбранбена политика на Европската Унија, каде покрај континуираното учество во мисијата АЛТЕА партиципираме и во борбените групи на ЕУ е значаен елемент во поддршка на политичкиот процес во исполнување на критериумите за полноправно членство во Европската Унија.
Претходно, во текот на вчерашниот ден, генералот Ѓурчиновски оствари средба со Претседавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловен маршал Стјуарт Пич, на која се разговараше за теми од взаемен интерес и понатамошните активности на нашата Армија поврзани со нашето полноправно членство во НАТО.
Во текот на утрешниот ден, во Врховната команда на НАТО Алијансата (SHAPE), во Монс, генералот Ѓурчиновски ќе оствари официјален состанок со началникот на штаб на оваа највисока команда на НАТО, генерал Маркус Кнеип.