Делегацијата на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од началникот на Генералштабот генерал потполковник Методија Величковски, се наоѓа во тридневна работна посета на Вооружените сили (ВС) на Република Чешка.
Генералот Величковски во текот на посетата оствари работни состаноци со началникот на ГШ на ВС на Република Чешка генерал Јозеф Бечвар и со заменик на министерот за одбрана на Република Чешка, г. Јакуб Ландовски.
На средбите се разговараше за интензивирање на воената соработка во областите кои се од меѓусебен интерес, како што се размена на искуства од учество на хеликоптерски единици во мисиите на Обединетите нации, можностите за воено техничка соработка во наменската индустрија, изведување на заедничка обука и школувања на воен персонал.
На официјалните средби присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во Република Чешка Н.Е Паскал Стојчевски.
Делегацијата оствари работни посети и на воената воздухопловна база „Кбели“ во Прага и хеликоптерската база „Бискаскаја“, каде присуствуваше на Денот на високи гости на воената вежба “Ample Strike 2016” .
Претходно, за време на посетата генералот Величковски заедно со својот домаќин со положување на свежо цвеќе оддаде почит на незнајниот војник во чешкиот национален меморијален центар „Витков Рид“.
Во склоп на посетата ќе се оствари посета и командата за обука на Воената академија во Вишков, каде од 2001 година до денес голем број на припадници на АРМ имаат завршено школување на повеќе курсеви.
Работната посета која се реализира на покана од генералот Бечвар е резултат на досегашната многу добра соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и ВС на Република Чешка, на повеќе полиња од областа на одбраната. Во месец мај оваа година, генералот Бечвар имаше можност да се запознае со искуствата на АРМ стекнати во справување со миграциската криза.
Тековната посета на делегацијата од АРМ на ВС на Република Чешка, која е членка на вишеградската група и НАТО, е особено значајна во зајакнување на поддршката од страна на оваа партнерска Земја за евроатланските аспирации на Република Mакедонија.