Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во рамки на неговите билатерални активности за оваа година се наоѓа во дводневна работна посета на Вооружените сили (ВС) на Унгарија.
Генералот Ѓурчиновски, по пречекот со воени почести во Генералштабот на ВС на Унгарија и полагање на венец со свежо цвеќе на спомен обележјето на незнајниот војник, оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Ромулус Русин-Сенди.
На средбата генералите Ѓурчиновски и Сенди разговараа за можностите за унапредување на меѓусебната воена соработка, размена на стекнатите искуства, ангажманот во операциите предводени од НАТО, како и безбедносните предизвици во регионот.
Генералот Сенди изрази особена благодарност до генералот Ѓурчиновски за поддршката што ја овозможуваше нашиот координативен центар за поддршка од земја домаќин во периодот на унгарската команда на мисијата КФОР во Косово.
Воедно од негова страна е понудена разгледување на можноста за вклучување на состави од Армијата на Република Северна Македонија во структурите на НАТО мултинационалниот дивизиски центар (MND-C) лоциран во Секешфехервар.
Делегацијата на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од генералот Ѓурчиновски, во текот на утрешниот ден ќе посети и една од воздухопловните бази на ВС на Унгарија, каде ќе се запознае со активностите на единицата.
Билатералните воени активности помеѓу двете сојузнички армии се на континуирано високо ниво, при што средбите помеѓу началниците на Генералштабови се реализираат еднаш годишно.
Министерствата за одбрана на Република Северна Македонија и Република Унгарија имаат потпишано договор за соработка во 2002 година, од кога во воено-образовните институции на Република Унгарија се школувале голем број припадници на Армијата на Република Северна Македонија.