Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес во Воената академија, „Генерал Михаило-Апостолски” се обрати пред слушателите на вториот циклус на студии на специјализација за командни и штабни должности, по повод отпочнување на студиската настава.
Во своето обраќање пред офицерите на Армијата, кои во следниот период ќе ги посетуваат студиите за командно-штабни должности, им посака успех во студирањето, воедно порачувајќи дека во текот на образовниот процес е потребно да го вложат севкупниот свој потенцијал со што ќе ги надоградат стекнатите знаења и вештини од досегашната служба. Притоа истакна дека по завршување на специјализацијата ќе имаат можност практично да ги применат стекнатите знаења и да придонесат во понатамошниот развој на Армијата, извршувајќи високи командни и раководни должности, кои ќе им бидат доверени.
На отворањето на студиската настава пред старешините се обрати и деканот на Воената академија, полковник професор д-р Митко Богдановски, кој изрази благодарност до Генералштабот на Армијата за дадената поддршка за потребата од овој вид високи студии, како и за секоја стручна помош.
Во студиската 2023/2024 година на вториот циклус на студии на специјализацијата за командни и штабни должности ќе ја посетуваат вкупно 24 офицери од командите и единиците од Армијата со чин потполковник и мајор, кои по завршување на студиите ќе се стекнат со военоевиденциска специјалност потребна за извршување на повисоки командни и штабни должности.