Под мотото „Посветеност и професионализам“ припадниците на полкот за специјални операции (пСО) денес во касарната ,„Илинден“ во Скопје, со воена свеченост го одбележаа денот на единицата и јубилејот 25 години „Сили за специјални операции“.
На воената свеченост покрај Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа и заменикот министер за одбрана, Беким Максути, заменик на началникот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во МО Драган Николиќ, генералите и команданти на единиците на Армијата, поранешни команданти на специјалните единици и други гости од Министерството за одбрана и Генералштабот.
Пофални зборови и признанија за значењето на оваа единица искажаа Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и командантот на пСО, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев во своите обраќања пред присутните.
Министерката Шекеринска во своето обраќање истакна: „25 години специјални сили во Армијата се и 25 години во кои нашата земја работеше, посакуваше, се трудеше да стане членка на Алијансата. Заедничкиот јубилеј го прославуваме со успеси – успеси во Полкот, но и успеси на ниво на државата.
Вие почитувани припадници на пСО сте една од најважните алки во синџирот кој го овозможи овој успех. Вие, како велите, сте секогаш и секаде први, вие како што велите, сте секогаш чекор понапред, вие сте предводници на нашата армија и тоа особено на ваков јубилеј треба да се нагласи“.
Бригадниот генерал Хаџи Јанев, се наврати на почетоците од формирањето на силите за специјални операции, заблагодарувајќи се на сите поранешни припадници за вложениот труд во изградбата на единицата. Исто така, потенцираше дека припадниците на полкот за специјални операции се првите кои го имплементираа професионализмот и го трасираа патот во остварување на полноправното членство во НАТО.
На свеченоста, по повод денот на единицата, беа доделени признанија и стимулативни мерки на поранешни и сегашни припадници на единицата за придонесот во развојот на единицата и остварените резултати во работата.
Пред големиот број присутни гости, припадниците на специјалните единици од составот на пСО, со својата појава во стројот и на свеченото дефиле, достоинствено прикажаа дека со право го имаат стекнато реномето на најелитна единица на нашата Армија во изминатите 25 години.
На овој ден пред 25 години за прв пат во Армијата беше формирана единица за специјални намени под името „Волци“. Како команда на специјални единици функционираше од 2002 до 2003 година. Во декември 2003 година единицата е преструктуирана во одред за специјални намени, а од ноември 2006 година извршено е преструктуирање на единицата во полк за Специјални Операции во чиј состав влегуваат баталјонот за специјални намени и ренџерскиот баталјон.