Со полагање на свежо цвеќе на спомен-обележјата кај Kатлановско Блаце и пред Командата на воздухопловниот ВИНГ, се одбележа 14-годишнината од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници од составот на воздухопловниот Винг.
На спомен-обележјето во Катлановско Блаце, свежо цвеќе положија делегации од Министерство за одбрана и Генералштабот на Армијата, составени од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, кабинетот на Претседателот, од општината Петровец, Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ, Првата пешадиска бригада и членовите на семејствата на загинатите припадници.
Припадниците на воздухопловниот ВИНГ ја одбележаа 14-годишнината од хеликоптерската несреќа со полагање свежо цвеќе на спомен-обележјето пред командата во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Почит на загинатите им беше оддадена и во кампот Бутмир, Сараево, каде нашите мировници беа дел од мисијата „АЛТЕА“.
Во хеликоптерската несреќа, на 12 јануари 2008 година, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично ги изгубија животите потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.