Со постројување на екипите од командите и единиците на Армијата, денес на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, по дваесетти пат започна одбележувањето на 18 февруари – Денот на Меѓународните воени спортови.
На свеченото отворање на оваа спортска манифестација, присуствуваа министерот за спорт, Борко Ристовски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова и претставници од Генералштабот и Министерството за одбрана.
По повод одбележувањето на овој ден, воедно и јубилеј, 20 години од членството на Армијата во глобалното семејство на Меѓународниот совет за воени спортови, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на свеченото отворање истакна дека не постои подобро место од Воениот стадион и кејот на реката Вардар, кои ќе се претворат во вистинска спортска арена каде ќе бидат тестирани издржливоста, физичката и менталната подготвеност на учесниците.
Генералот Лафчиски во своето обраќање порача мотото „Пријатели во спортот“ да биде императив во текот на натпреварите на кои ќе биде прикажана меѓусебна почит, толеранција, разбирање и фер игра, правејќи ги горди единиците од кои доаѓаат учесниците.
На денешната церемонија, во знак на благодарност, континуирана поддршка и успешна соработка, началникот на Генералштабот на Армијата му врачи средна плакета на Армијата на министерот за спорт Борко Ристовски.
Воедно, на денешниот настан за постигнатите резултати во спортот, на професионалниот војник Љубомир Спасиќ му беше врачен пехар за најдобар спортист во Армијата во 2024 година.
По завршувањето на натпреварите во дисциплините: фудбал, кошарка, одбојка, трчање и пинг-понг, во поединечна и екипна конкуренција, на победниците ќе им бидат доделени признанија.
Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана на 18 февруари 1948 година, а Армијата e полноправна членка од 2005 година, која преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај забележителните резултати кои ги постигнува, дополнително придонесува за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и светот.