На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, со свечено постројување на спортските екипи од гарнизонот Скопје и Министерството за одбрана, се одбележа „18 февруари – Денот на Меѓународните Воени Спортови“ (МСВС).
Оваа спортска манифестација која годинава АРМ ја одбележува по единаесетти пат, денес свечено ја отвори заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај.
На отворањето на спортскиот ден, генералот Рацај пред учесниците нагласи дека спортот претставува значаен сегмент во обуката на АРМ, но и најдобар начин за развивање на другарството, пријателството и зближување на луѓето од различни делови од светот. Тој потсети дека во редовите на АРМ се наоѓаат врвни спортисти со домашно и меѓународно искуство, при што на натпреварувачите им порача денешниов ден да се одбележи во спортски дух а на натпреварите да победат најдобрите.
На денешната свеченост, потпоручник Жан Тосев и постар водник 1класа Марија Пеликон , беа прогласени за „Спортисти на годината 2015“. Оваа титула ја добија за постигнатите резултати во спортот. По овој повод генералот Рацај на двајцата припадници на АРМ им врачи диплома и пехар со амблем на МСВС.
Овој спортски настан денес истовремено се одржува во сите гарнизони на АРМ, каде припадниците на АРМ под мотото „СПОРТ ЗА СИТЕ“ се натпреваруваат во следните дисциплини: крос на 8 км за мажи и на 4 км за жени, мал фудбал, кошарка, пинг-понг и шах. На патеката од воениот стадион до хотелот „Александар Палас“ на припадниците на АРМ им се придружија и членовите на атлетските клубови од Атлетската федерација на Република Македонија, додека натпреварите во останатите спортски дисциплини се одржуваа на терените на воениот стадион.
Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана 18 февруари 1948 година, чија полноправна членка е АРМ од мај 2005 година стекнувајќи се со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во нејзина организација.
Денот на МСВС е одлична можност учесниците да ја проверат и подигнат својата физичка подготвеност за понатамошните спортски предизвици.