На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје и спортските терени во гарнизоните низ Републиката, припадниците на Армијата го одбележаа Денот на Меѓународниот Совет за Воени спортови (МСВС).
Претседателот на Советот за воени спортови во Министерството за одбрана, во своето обраќање на отворањето на централниот турнир на сите припадници им посака успех и фер натпревари, воедно потенцирајќи ја важноста на спортот како механизам за натпревар, спротивставување, победа и пораз, но и за зближување на нациите преку спортски настани во спортските арени наместо на боиштата.
Во годината кога навршуваат седумдесет и една година од формирањето на МСВС, оваа манифестација Армијата ја одбележа по четиринаесетти пат со спортските натпреварувачки дисциплини: фудбал, кошарка, трчање, пинг-понг и шах при што им беа врачени признанија на припадниците со најдобро остварени резултати.
АРМ од 2005 година е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови, со што се стекна со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови.