Денес, 1-ви март 2013 година (петок), со почеток во 11.00 часот, во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа свеченост по повод денот на Полкот за специјални операции (пСО).
На свеченоста свое обраќање имаше Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, кој им го честиташе празникот на пСО при што истакна дека „Припадниците на АРМ се особено горди на вас, затоа што ве краси докажаната храброст и хуманост, подготвеноста за извршување на најсложени задачи, но и тоа што секогаш сте биле тука и да им помогнете на граѓаните на Република Македонија. Верувам дека ова чувство и мислење со нас го споделуваат и граѓаните на нашата земја, кои знаат да ги ценат вашите успеси, поради кои засекогаш ќе останете господари на својата професија и гордост на нашата Армија“. Воедно генералот Котески се осврна на фактот дека живееме во демократско општество кое е полно со ризици и предизвици. Затоа, во однос на сите актуелни случувања во земјата, регионот и пошироко, началникот на ГШ на АРМ од припадниците на полкот за специјални операции побара – секогаш првенствено да се водат од интересите на нашата држава и интересите на нашите граѓани и Армијата на Република Македонија.
Тој во своето излагање на сите припадници на АРМ и им порача дека Армијата е еден од темелите на државата, но и основен столб на нејзината одбрана и безбедност. Во цврстината на овој темел, никој да не се сомнева, но не смее ни да се поткопува, бидејќи тој е поткрепен не само со обученоста и лојалноста, туку и со професионалноста и огромната доверба која АРМ ја ужива кај граѓаните на Република Македонија.
На свеченоста беа доделени стимулативни мерки на припадниците на полкот за специјални намени како и пехари за победниците на спортските натпревари кои беа организирани по повод денот на единицата.