Од 30.09 до 03.10.2013 година во хотелот „Holiday Inn“ во Скопје во рамките на проектот воден од Канада, Кралството Шведска и Кралството Холандија се одржа НАТО работилница „Sustainable Military Compounds“ (Towards a Zero Footprint Compound). Работилницата на која учествуваа 40 учесници од 15 земји од НАТО и ПзМ претставува континуитет на работните состаноци кои во изминатите години се одржаа во Чатам, Обединето Кралство во октомври 2012 година и состанокот кој се одржа во Амстердам, Кралството Холандија во мај 2013 година.
Целта и задачите на работилницата беа:
– Да се развие сеопфатна збирка на најдобри практики за управување со животната средина, со поддршка на одржливиот развој на воените објекти и кампови. Со оваа збирка ќе се изврши ажурирање на НАТО документот „Најдобри практики за заштита на животната средина во воените објекти и кампови во операциите на НАТО (АЈЕРР2)“;
-Развивање на концептуален модел на одржливост во планирањето и развивањето на идните НАТО објекти и кампови, со примена на современи технологии и ефикасни енергетски решенија за заштеда (енергија, вода, отпад и др.), a со цел намалување на нивното штетно влијание врз животната средина;
– Развивање на ефикасен и применлив еколошки раководен систем (ЕМС) во НАТО камповите;
– Развивање на ефикасни процедури за затворање на НАТО камповите, при што одржливоста мора да биде вклучена како основен принцип.
Важноста од учеството на претставници од Армијата на Република Македонија во овој проект произлегува од задачите и активностите кои ги извршуваат нашите припадниците дома и за време на мисии надвор од земјата, а истите се директно поврзани со животната средина и природата. Во извршувањето на задачите единиците користат најразлични средства и применуваат активности кои влијаат врз загадувањето на воздухот, водата, почвата, вегетацијата и животинскиот свет со што директно или индиректно ги загрозуваат здравјето и психофизичката способност на нашите припадници и пошироко. Припадниците на АРМ во овој проект се стекнаа со знаења и искуства од областа на одржливоста во планирањето и развивањето на идните заеднички НАТО објекти и кампови, примена на современи технологии и ефикасни енергетски решенија за заштеда (енергија, вода, отпад и др.), како и намалување на нивното штетно влијание врз животната средина.
Проектот „Sustainable Military Compounds“ ќе се финализира на работилницата која ќе се одржи во Отава, Канада во 2014 година.