Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески денес (25-ти ноември) се сретна со командантот на КФОР генерал-мајор Салваторе Фарина кој престојуваше во официјална посета на ГШ на АРМ.
На средбата во ГШ на АРМ се разговараше за безбедносната состојба во регионот, можностите за унапредување на соработката со силите на КФОР, како и размена на информации со АРМ. Делегацијата од КФОР беше запознаена со трансформацијата на АРМ и учеството во мировните операции, а гостите од КФОР пред ГШ на АРМ ја презентираа безбедносната состојба во зоната на одговорност на оваа мисија, како и активностите и идните планови на КФОР.
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Фарина оствари средба и со Министерот за одбрана Талат Џафери.
Од двете страни е заклучено дека АРМ и силите на КФОР имаат воспоставено одлична соработката и дека во наредниот период таа ќе продолжи во интерес на безбедноста во регионот.
Како што е познато, во јуни 2007 година, во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во составот на Бригадата за логистичка поддршка на АРМ. Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.