Во Центарот за обука на вода во Охрид, како дел од планираните билатерални активности во склоп на Петнаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, оствари средба со началникот на Генералштабот на ВС на Република Турција, генерал Јашар Ѓулер.
По пречекот со воени почести, на меѓусебниот состанок, генералите Ѓурчиновски и Ѓулер разговараа за продлабочување на меѓусебната билатерална воена соработка, при што се разгледаа можностите за понатамошно изнаоѓање на нови облици на заеднички настап и интензивирање на веќе постоечката соработка, особено во изведување на заедничка обука и вежби, заедничко учество во мисии и користење на капацитетите на двете армии.
Генералот Ѓурчиновски изрази благодарност и задоволство од заедничкото учество во мировните операции, како што е последното заедничко учество во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, но и претходно во Авганистан, каде наши ротации се или беа под покровителство на турскиот контингент. Покрај наведеното стана збор и за планираните идни ангажмани на ова поле.
За време на официјалните разговори со делегацијата на ВС на Турција се презентираа тековниот процес на трансформација на Армијата, нашиот придонес и учеството во операциите во странство и можноста за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за вежбовни активности.
Во рамки на денешната посета, делегацијата на ВС на Република Турција присуствуваше на показна вежба од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили, на која беа прикажани активности со кои се покажа обученоста и подготвеноста на нашата елитна единица.
Началникот на Генералштабот на ВС на Република Турција, генерал Јашар Ѓулер во текот на утрешниот ден ќе присуствува на Петнаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји на која Армијата на Република Северна Македонија е домаќин.
Воената соработка помеѓу Армијата и Вооружените сили на Република Турција е константно на високо ниво и се одвива во повеќе области пред се на полето на военото образование и заедничкото учество на вежбовни активности, а особено заедничкото учество во мировните мисии.