Во Центарот за поддршка на обуката „Пепелиште“ и aрмискиот полигон „Криволак“ започна со реализација теренската вежба „Здружена реакција-17“. На отворањето на вежбата, Командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милески пред учесниците на вежбата истакна: „Во основата на оваа, како што и нејзиното име имплицира, здружена вежба, стои нашата заедничка способност за взаемна и отворена соработка, преку споделување на стекнати знаења и искуства, кои треба да не насочат кон зголемување на взаемното разбирање и секако доверба“.
Исто така на присутните се обрати и директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски, кој во својот говор назначи дека вежбата претставува одлична можност за изведување на колективна обука на воено полициските единици согласно НАТО процедурите, но и за усовршување во штабните процеси на единиците учеснички на вежбата и дека целта на вежбата не е натпреварувачкиот дух туку размена на искуства, знаења и вештини.
Бригадниот генерал Зоран Милески со директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски извршија обиколка и средба со учесниците на вежбата сместени во кампот „Стрела 1“.
На вежбата и претходеа неколкумесечни индивидуални и колективни подготовки, со цел да се изврши обука и извежбување во разни ситуации, а во текот на утрешниот ден ќе се продолжи со презентација на опремата и размена на искуства од различни области.
Вежбата „Здружена реакција-17“ е заедничка вежба на воената полиција од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Националната гарда на сојузната држава Вермонт, Националната гарда на сојузната држава Минесота и секако припадници на воената полиција од составот на Здружената оперативната команда. Целта на вежбата е споделување на стекнати знаења и искуства преку заедничко извршување на поставените задачи во текот на претстојната вежба.