На денешната средба помеѓу Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и командантот на бригадата за Југоисточна Европа (South Eastern Europe Brigade-SEEBRIG), бригаден генерал Нуман Једијилдиз високо се оцени придонесот кој го дава АРМ со своето учество на декларираните единици во бригадата.
Командантот на SEEBRIG покрај средбата со НГШ оствари средба и со заменик на министерот за одбрана на Република Македонија Илми Селами. Бригадниот генерал Нуман Једијилдиз ја предводи делегацијата од SEEBRIG, која во период од 16-ти до 19-ти ноември спроведува евалуација на декларираните единици на АРМ кои се во состав на бригадата, согласно Планот за работа на командата на бригадата на Југоисточна Европа.
Во наведениот период се реализира евалуациска посета на декларираната механизирана пешадиска чета, а во текот на денешниот ден ќе го обиколи и декларираниот инженериски вод од состав на инженерискиот баталјон во касарната Илинден во Скопје.
SEEBRIG е формирана на 31 август 1999 година во Пловдив, врз основа на претходно потпишаниот договор во Скопје 1998 година од страна на министрите за одбрана на седум земји од регионот за формирање на мултинационални мировни сили.
Командата на бригадата моментално се наоѓа во Турнавос, Лариса во Република Грција.