Началникот на Генералштабот (ГШ) на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес продолжува со официјалната посета на Вооружените сили (ВС) на Република Литванија.
Вчера на средбите со литванскиот Министер за одбрана Јоузас Олекас и началникот на ГШ на ВС на Република Литванија, генерал-потполковник Арвидас Поциус, беше нагласено дека Литванија дава целосна поддршка на полноправното членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Во прилог на ова, првите луѓе на одбраната на Литванија изразија подготвеност за вклучување на АРМ во одредени заеднички проекти на Балтичките земји од доменот на одбраната, како и во активностите за развој на борбените групи на ЕУ.
Покрај јакнењето на билатералната соработка помеѓу армиите, на средбите во Вилнус се разговараше и за соработка во доменот на заштитата на воздушниот простор (Air policing), по примерот на Балтичките земји, како и развојот на концептот за резервни сили, при што од страна на домаќините е покажан интерес за организирање за заедничка обука и користење на капацитетите за обука.
Првата посета на началник на ГШ на АРМ на ВС на Литванија, началникот на ГШ на АРМ ја оцени како исклучително значајна, потврдувајќи го придонесот и посветеноста на Република Македонија и АРМ кон Европската безбедносна и одбранбена политика, имајќи во предвид дека Литванија е членка на ЕУ и претседавач со Советот на ЕУ.
Денес, генералот Котески ги посети полкот за обука на копнените сили на Литванија и механизираната пешадиска бригада „железен волк“.