Претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, придружувана од началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес ги посети припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Претседателката Сиљановска-Давкова во оваа прилика им ги честиташе новогодишните празници на ангажираните припадници на Армијата, при што изврши обиколка на тактичко-техничкиот збор каде беше изложена опремата и вооружувањето со кое располага 2.пешадиски баталјон (2.пб).
Во рамки на посетата, претседателката Сиљановска-Давкова од страна на командантот на 2.пб беше информирана за состојбата во единицата, нејзината мисија и задачите кои ги исполнува.
Претседателката во своето обраќање до припадниците на Армијата истакна: „Знам дека сте почитувани, знам дека сте славни и мило ми што сум овде меѓу Вас и продолжуваме една убава традиција“. Воедно, нагласи дека изложената опрема е доказ дека Армијата го одржува чекорот со најсовремените армии и дека се надева 2025 година да биде година на мировни процеси кои ќе се почитуваат.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во оваа прилика наведе дека војниците се високо мотивирани и подготвени за изведување на своите задачи, притоа посакувајќи им успешна година.
На крајот од посетата, претседателката Сиљановска-Давкова на 2.пб му подари видеопроектор и присуствуваше на заедничкиот ручек.