По повод одбележувањето на јубилејот „20 години сили за специјални операции“ и Денот на полкот за специјални операции (пСО) на АРМ, денес во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа Отворен ден на пСО.
Командантот на пСО бригаден генерал Васко Ѓурчиновски посакувајќи им добредојде на големиот број на гости и посетители го истакна значењето на пСО и неговото формирање како прва специјална единица со професионален состав, која прерсана во една од најподготвените единици во Република Македонија и во поширокиот регион. Тој нагласи дека вложувањето во обуката на персоналот е еден од клучните приоритети за достигнување на потребното ниво на обученост на единицата, за што изминатите дваесет години се направени напори и за нејзино соодветно опремување. Според командантот на пСО, строгите критериуми и стандарди на селекција и понатаму ќе бидат основа за влез во специјалните единици, за припадниците на АРМ од сите категории.
Денес, посетителите од сите возрасти, на отворениот ден на пСО, имаа можност да се запознаат со борбените средства, техниката и опремата со кои се опремени единиците на пСО, а врвната обученост „волците“ и „ренџерите“ на АРМ, ја демонстрираа со изведување на практична обука на мултифункционалната алпинистичка кула, низ тактичките вежби „блиска борба – заседа“ и „обезбедување на високи воени раководители“, при што беше прикажана употреба на беспилотни летала и хеликоптер, како и беспрекорна обученост и психофизичка подготвеност во изведување на повеќе видови боречки вештини.