На остварената средба помеѓу началникот на Генералштаб на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и бригадниот генерал Перси Хуртадо, кој ја извршува должноста заменик на командант на секторот за планирање, политика и стратегија во европската команда на вооружените сили на САД (ЕУКОМ) беше потенцирано задоволство од досегашното ниво на соработка помеѓу АРМ и ЕУКОМ.
На состанокот на кој присуствуваа и одбранбеното аташе на САД и претставник од канцеларијата за одбранбена соработка на САД во Република Македонија (ODC) се разгледаа планираните активности за оваа година преку програмите за соработка со ЕУКОМ.
Сеопфатната програма за воена соработка помеѓу АРМ, ЕУКОМ и Националната гарда на Вермонт започнаа во 1995 година при што досега се реализирани над 700 активности во кои имаат учествувано преку 7000 лица од двете земји.
Во оваа година покрај планираните активности од програмата за школување на припадници од АРМ во САД (ИМЕТ), планирано е и заедничко учество на наши припадници и единици на неколку меѓународни вежби.
Во рамки на денешната посета, бригадниот генерал Перси Хуртадо ја посети и Здружената оперативна команда (ЗОК), каде беше одржана презентација за мисијата и структурата на ЗОК, како и учеството на АРМ во мировните операции.