Традиционалната предновогодишна средба на првите луѓе на Армијата и Министерството за одбрана со семејствата на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои се наоѓаат во мировните операции, оваа година поради состојбата со пандемијата со „Ковид-19“ се реализираше целосно преку видеоврска.
Во рамки на денешната активност, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменикот на министерот за одбрана Башким Хасани, преку видеотелеконференциска врска се обратија до мировниците и членовите на нивните семејства, притоа честитајќи им ги претстојните празници им упатија желби за добро здравје, успех и просперитет во Новата 2021 година.
Генералот Ѓурчиновски обраќајќи се до припадниците на Армијата на Република Северна Македонија им оддаде признание за професионализмот и резултатите постигнати во мировните операции во кои од оваа година, како полноправна членка на НАТО, покрај веќе постојните операции „Одлучна поддршка“, „АЛТЕА“ и „УНИФИЛ“ имаме претставници и во уште две операции: „КФОР“ во Косово и мисијата на ЕУ „УЕТМ“ во Централноафриканската Република.
Началникот на Генералштабот им порача на семејствата на мировниците да бидат горди што нивните најблиски ја претставуваат нашата татковина во најдобро светло како амбасадори на мирот и кои со својот несебичен ангажман имаат голем придонес за рејтингот кој го имаме меѓу сојузниците од НАТО.
Заменикот на министерот за одбрана, Башким Хасани пред мировниците и нивните семејства во своето обраќање истакна дека учесниците во мисиите преку своето несебично вложување ги отсликуваат остварувањата на заедничките вредности и интереси на Република Северна Македонија.
“Почитувани мисионери, уверен сум дека ќе го покажете најдоброто од вас и дека уште повеќе ќе го подобрите нашиот имиџ во Алијансата. Останете она што сте и понатаму храбри, мотивирани и посветени да го дадете најдоброто од Вас, но и да ги проширите и размените вашите искуства и знаења. Ќе останеме и понатаму блиску до вас и секој пат кога ќе има потреба, ќе ја имате нашата поддршка и помош.“- порача заменик-министерот.
Преку линковското вклучување, претставниците на нашите мировници од сите операции искажаа висока мотивираност и подготвеност со професионално извршување на сите доделени задачи во рамки на операциите, достоинствено да ја претставуваат нашата татковина како што доликува на припадници на Армија која е полноправна членка на НАТО.
На крај од годинашната средба со мировниците, дел од најмладите претставници на семејствата имаа свој рецитал на новогодишни песни и желби.