Припадниците на инженерискиот баталјон од првата механизирана пешадиска бригада уште еднаш ги ставија на располагање своите вештини во помош на цивилните структури во реоните каде поплавите во изминатиот месец извршија оштетувања на инфраструктурни објекти, во случајот со целосна изградба на нов дрвен мост во село Порој, општина Тетово.
Во соработка со локалната самоуправа и месното население од село Порој, инженерците по извршениот увид на состојбата со мостот изработија нацрти, динамички план, предмер и пресметка на потребните материјали по што на ден 04.09.2017 година отпочнаа со изградбата.
Во период од шеснаесет дена со целодневно ангажирање на 15 свои припадници се изврши изградба на нов дрвен мост во селото, и истиот е предаден во употреба на цивилното население на ден 20.09.2017 година. На предавањето присуствуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик-министер за одбрана, Беким Максути, заменик на началникот на генералштабот на АРМ, генерал мајор Мухамет Рацај, претставници од локалната самоуправа од Тетово и село Порој.
Дрвениот мост е вграден на бетонски потпори со дрвени носачи со димензии 4,5 метри височина, 5,5 метри широчина и во должина од 10,5 метри. Неговата носивост е до 4 тони, што значи дека по него можат да се движат моторни возила, трактори и запрежни возила, а има и посебен дел за движење на пешаци.
За изградбата на мостот материјално техничките средства и дел од алатот за работа ги обезбеди месната заедница на село Порој и општината Тетово.
Претходно во текот на 2015 година, исто така АРМ беше ангажирана во селото Порој кога исто така од поројните дождови беа оштетени мостовите, а имаше и наноси од поплавата. Притоа од страна на инженерискиот баталјон се изградија два дрвени моста, а беше извршена и санација на инфраструктурните објекти и расчистување на наносите.