Припадниците на АРМ кои се ангажирани за давање помош во поплавените подрачја во Република Србија, во текот на вчерашниот ден со моторните возила кои ги поседуваат, извршија евакуација на повеќе од 350 лица од подрачјето на градот Обреновац и околните населени места.
Денес, персоналот на АРМ кој е распореден во Обреновац ќе биде ангажиран на испумпување на водата во пониските точки на градот со што ќе се создадат услови за побрзо отстранување на последиците од водената стихија која го зафати овој град и регионот околу него. Инаку, агрегатите на АРМ се употребени за снабдување со електрична енергија на прифатниот центар во Обреновац, полициската станица и други објекти од витално значење во хуманитарната акција.
Без оглед на исклучително тешките и сложени услови за работа, припадниците на АРМ остваруваат одлична координација и соработка со надлежните органи во Република Србија, а задачите ги извршуваат беспрекорно и професионално.
Се очекува и во наредните денови ангажирањето на хуманитарниот контингент на АРМ да продолжи во склад со потребите на властите во Република Србија.