Вчера, 18-ти Август во вечерните часови во Видиковецот во касарната ,,Илинден“ во Скопје беше организирана прослава по повод Денот на АРМ. На прославата присуствуваа началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, заменикот на НГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, командантот на Здружената оперативна команда генерал-мајор Методија Величковски, генералите во АРМ, унапредените полковници и клучниот персонал од Генералштабот и потчинетите команди и единици.
Старешините беа придружувани од нивните сопруги, а прославата на Денот на АРМ беше искористена и за упатување на честитки до началникот на Генералштабот, кој вчера го прославуваше својот роденденден, што имаше и своја симболика, заради поклопувањето со Денот на АРМ.
На прославата генералот Котески им одаде признание на сите припадници на АРМ за успешно извршените задачи во организацијата и доследната реализација на активностите по повод прославата на Денот на АРМ. Тој посебно го истакна значењето на заедничкото дружење помеѓу старешините, укажувајќи на фактот дека неформалното заедничко дружење во изминатите месеци во Дојран, Свети Наум и Куманово, треба да продолжи и во иднина, со цел за подобро меѓусебно запознавање, што ќе има позитивен ефект и во извршувањето на обврските и задачите.