Денес (4-ти март 2013 година) во касарната ,,Илинден“ во Скопје во организација на Генералштабот на АРМ се одржа шестото првенство во крос-кантри трчање на АРМ.
Кросот се одржа на посебно уредена патека во касарната ,,Илинден“, а се трчаше на 10 km во машка и на 5 km во женска конкуренција, каде настапуваа натпреварувачи од сите команди и единици на АРМ, Воената Акаденија и Атлетската Федерација на Македонија.
Во машка конкуренција на патеката од 10 km прво место освои Александар Стојановски од Атлетската Федерација на Македонија со време 31.50, второ место капетан Игор Јакимовски од баталјонот за специјални намени од полкот за специјални операции (пСО) со време од 33.00 а третото место го освои професионалниот војник Добре Кузмановски од баталјонот на Воена Полиција со време 34.24. Во женска конкуренција најдобро пласирана беше питомец Благица Димитрова од Центарот за обука на питомци, со постигнато време 22.33, второ место освои постар водник прва класа Марија Пеликон од баталјонот за почести со време 23.02, а третото место го освои професионален војник Билјана Делоска со време 23.11. Во екипна конкуренција кај мажите прво место освои екипата на баталјонот за специјални намени од пСО, второ место освои екипата на ренџерскиот баталјон од пСО, а трето место освои баталјон на Воена Полиција. Во женска конкуренција екипно, прво место освои екипата на Командата за обука и доктрини, второпласирана е екипата на баталјонот за почести, а трета е екипата на ренџерскиот баталјон.
Шестото првенство во крос-кантри, на кое учествуваа околу 150 припадници на АРМ беше потврда за масовното учество на ова натпреварување, но и за изградбата на физичката кондиција и спортскиот дух како неопходни фактори за здрав живот и успешно извршување на задачите.