Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски изврши обиколка на составот на лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со цел непосредно согледување на подготвеноста на оваа најголема декларирана единица.
За време на посетата на генералот Ѓурчиновски, од страна на стручен тим од Генералштабот се изврши првичен увид во тековните активности во формирањето, подготовките и постапките кои се водат, со цел постигнување на оперативна готовност во предвидениот рок, на најголемата декларирана единица во Армијата.
Од страна на Командантот на вториот пешадиски баталјон и командирот на декларираната чета од ЛПБГ, во присуство на командантот на оперативната команда, генерал-мајор Павле Арсоски, пред началникот на генералштабот и екипата е презентирано достигнатото ниво во однос на исполнување на поставените задачи.
Притоа е прикажана состојбата на пополнетост со персонал, вооружување, опрема и материјално техничките средства кои се предвидени за функционирање на единицата, како и усогласеност на планираната обука на 2.пешадиски баталјон (2.пб) со планираната обука за ЛПБГ во пресрет на претстојните оценувања.
Пред припадниците на ЛПБГ од страна на генералот Ѓурчиновски е истакнато дека од страна на Генералштабот, заедно со претпоставените команди на оваа единица се преземаат сите потребни мерки и пружање на помош во работењето и решавање на евентуалните проблеми и предизвици со кои ќе се соочува единицата со цел навремено достигнување на потребното ниво на оперативна готовност.
Вториот пешадиски баталјон и во досегашниот период беше носител на средната пешадиска баталјонска група, која досега помина две успешни оценувања согласно концептот на НАТО.
За време на денешната активност присуствуваше и бригаден генерал Хју Лојд Џонс од Вооружените сили на Обединето Кралство, кој пружа советодавна помош во имплементирање на целите од Стратегискиот Одбранбен Преглед.