Во Генералштабот на Армијата во период од 6 до 10 мај реализирана е обука во областа на стандардизација во НАТО, од страна на мобилен тренинг тим на НАТО од Република Грција. На обуката учествуваа припадници од Армијата и Министерството за одбрана од повеќе сектори и области кои се вклучени во процесот на стандардизација.
Целта на оваа активност е унапредување на системот за стандардизација на одбраната во однос на стандардите на НАТО, а е во согласност со Планот за имплементација на Стратегискиот одбранбен преглед.
Обуката за стандардизација е поддржана од страна на Генералштабот на Вооружените Сили на Република Грција и претставува прва активност која се реализира во рамките на склучениот Договор за одбранбена соработка помеѓу министерствата за одбрана на Република Северна Македонија и Република Грција.
На крајот од обуката на првиот модул во присуство на директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески и одбранбеното аташе на Република Грција, бригаден генерал Георгиос Калогианис на слушателите им беа поделени сертификати за учество и успешно завршена обука.
По завршување на првиот модул од оваа обука, планирано е заокружување на обуката со реализација на уште два последователни модули во текот на октомври и ноември оваа година.