Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на брифингот за борбената готовност го информираше Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен Командант на Армијата, Стево Пендаровски, за состојбата во Армијата на Република Северна Македонија, во текот на 2019 година.
На брифингот кој се реализира во Домот на Армијата присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменикот на министерот за одбрана, Беким Максути, командантите на првопотчинетите единици на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.
Претседателот Пендаровски, за време на информирањето се запозна со степенот на реализација на плановите и задачите во текот на 2019 година по функционалните области: персонален менаџмент и морал, операции, обука и вежби, логистичко обезбедување, планирање, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воената соработка.
Во рамки на брифингот беа истакнати позначајните активности и состојбата во тековната година, пред се во процесот на трансформација и достигнатото ниво на имплементирање на процедурите и обврските поврзани со скорешното полноправно членство во НАТО. Воедно беше посочено дека со особено залагање и професионализам на сите припадници на Армијата се извршени сите планирани задачи.
По завршување на реферирањето, од страна на Претседателот Пендаровски во изјавата пред медиумите, беше истакнато дека како Врховен командант тој е задоволен од прикажаната состојба, како и дека Армијата се наоѓа во одлична кондиција.
Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на Началникот на Генералштабот кон Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен Командант на Армијата, за состојбата на борбената готовност во Армијата.