Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски остварија средба со шесте штабни офицери на АРМ кои заминуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а ќе бидат распоредени во Мазар е Шариф во рамките на Командата за обука, советување и асистенција – Север.
Министерот Јолевски посакувајќи им успешна и безбедна работа на штабните офицери, нагласи дека со учеството во мисијата на НАТО во Авганистан, Република Македонија ја искажува силната заложба за полноправно членство во алијансата. Изразувајќи цврсто убедување дека штабните офицери на АРМ достојно ќе ја претставуваат Република Македонија, министерот за одбрана изрази подготвеност за секаков вид на поддршка кон нив од страна на Министерството и Генералштабот на АРМ.
За време на средбата, генералот Величковски им порача дека од нив се очекува достојно и професионално извршување на задачите со што би го задржале и унапредиле нивото на нивните претходници, за што се добиени и многу признанија од надлежните авторитети.
На штабните офицери им претходеше соодветна стручна подготовка, што претставува потврда за успешно извршување на мисијата и одговор на предизвиците со кои ќе се соочат во следните шест месеци на должностите во рамките на командата – Север во Мазар е Шариф, Авганистан.
Република Македонија, на крајот од декември 2014 година, го започна учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ чија основна цел е да обезбеди обука, советување и помагање на авганистанските безбедносни сили.