Во Генералштабот на АРМ, заменик на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај оствари средба со делегација од Косовските безбедносни сили која се наоѓа во дводневна официјална посета на Армијата на Република Македонија.
На средбата се разговараше за повеќе прашања, поврзани со соработката помеѓу Косовските безбедносни сили и Армијата на Република Македонија.
Генералот Рацај во разговорите ја истакна потребата од проширување на досегашната воена соработка, а особено можностите за соработка во областа на образованието и изведување на заедничка обука.
Согласно Планот за билатералната воена соработка делегацијата од Косовските безбедносни сили се наоѓа во посета на Воениот Медицински Центар (ВМЦ) од составот на бригадата за логистичка поддршка.
Од страна на командантот на ВМЦ делегацијата беше запознаена со мисијата, задачите и структурата на ВМЦ, досегашното искуство од учество во меѓународните мировни мисии, како и улогата на оваа единица во Балканските медицински сили.