Традиционално и оваа година со транспортен хеликоптер на АРМ на воениот дел од аеродромот „Александар Велики“ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, пристигна и подели новогодишни пакетчиња најомилениот новогодишен лик кај најмладите – Дедо Мраз.
Тој им подари новогодишни пакетчиња на децата на загинатите припадници на воздухопловната бригада и на деца на вработени во оваа бригада и останатите команди и единици на АРМ и Министерството за одбрана.
Над 300 деца заедно со нивните родители имаа единствена можност да го проследат атрактивниот прелет и пристигнување на „Дедо Мраз“ со транспортен воен хеликоптер, а потоа да добијат новогодишни пакетчиња и да се фотографираат со него.
Оваа манифестација во организација на припадниците на воздухопловната бригада (вбр) и Синдикатот на вработените во Министерството за одбрана традиционално се одржува во пресрет на новогодишните и божиќните празници, а заради атрактивноста секоја година предизвикува огромен интерес кај децата.